ФК Тетекс: Бараме проширување на 2. лига

Во период кога сите фудбалски лиги во Македонија се прекинати и се разговари дали и како тие ќе продолжат, од ФК Тетекс бараат проширување на второлигашката конкуренција. Од тетовскиот клуб сметаат дека со играчкиот кадар и организационата поставеност со која располагаат, заслужуваат да добијат шанса за пласман во повисок ранг на натпреварување. Предлогот на Тетекс е доколку нема можност и второпласираните екипи од третите лиги да играат во втората лига, тие да добијат можност за меѓусебен бараж натпревар и најдобрата второпласирана екипа да избори промоција еден ранг погоре.

Бараме од Фудбалската Федерација на Македонија 2. лига да се зголеми за неколку екипи, со што и второпласираните од третите лиги би добиле шанса за пласман во повисок ранг. Тоа е можно да се направи и преку одигрување на бараж натпревари помеѓу второпласираните третолигаши, а најдобриот да обезбеди пласман во 2. лига. Во нашиот регион е најнеизвесно од сите региони кои гравитираат под 2. лига – Запад, со оглед на тоа дека и Тетекс и Беса од Добри Дол имаат навистина квалитетен играчки кадар, но и добра организација, и би било навистина штета една од овие две екипи да остане третолигаш, бидејќи и двете екипи во моментов се на второлигашко ниво. Јас како поранешен фудбалер сакам победниците да се одлучуваат на терен, а не на зелена маса. Така само губи фудбалот, а со тоа и екипите кои имаат вложено навистина големи средства за третолигашки услови и сето тоа може да има големи финансиски импликации за сите клубови во иднина. – изјави Стојмир Урошевиќ, Спортски директор на ФК Тетекс.

Третата лига- Запад беше прекината пред почетокот на пролетниот дел. До тој момент на лидерската позиција беше Беса од Добри Дол со четири бодови предност пред Тетекс.

Powered by Live Score & Live Score App