ФФМ ги откажа баражите за пласман во 2. лига – Запад

ФФМ го откажа одигрувањето на бараж натпреварите за пласман во 2 лига – Запад. Причина за откажувањето се 13 позитивни случаи на Ковид 19, 7 во екипата на Беса и 6 во екипата на Фортуна. Токму овие две екипи требаше денес да го одиграат првиот натпревар на Градскиот стадион во Тетово. Освен овие две екипи, во баражот за пласман во 2. лига требаше да учествува и екипата на Велешта, која својот прв натпревар беше планирано да го одигра во петок, исто така во Тетово.

Токму од овие причини, Натпреварувачката комисија на ФФМ донесе одлука за комплетно откажување на трите натпревари за пополнување на 2. лига – Запад. Според одлуката на УО на ФФМ, во овој случај ќе биде извршена ждрепка која ќе одлучи која од овие три екипи ќе биде 10-тиот учесник во второлигашката конкуренција.

Денес ќе биде извршено тестирање на екипите на Росоман и Слога Виница кои треба да играат за пласман во 2. лига – Исток. Доколку нема позитивни случаи во овие екипи, тогаш натпреварот ќе се одигра, во спротивно, и овој бараж ќе биде откажан и ќе биде извршена ждрепка.

Од ФФМ сеуште нема информација кога ќе биде извршена ждрепката, но веројатно тоа ќе се случи откако ќе се знае дали ќе се игра натпреварот од источниот регион.