Хуманитарен новогодишен проект

Во пресрет на Новата година, малите гостиварци имаа можност да се радуваат на дружење со Дедо Мраз во празнична атмосфера на градскиот плоштад. Истовремено ја покажаа и својата хуманост и солидарност. Сето тоа се случуваше во рамки на тридневниот хуманитарен проект, што го организираше Здружението „Анисија“. Собраните средства ќе се донираат за лекување на младо момче.

„По долгото време на социјална дистанца поради ковид пандемијата, сакавме да ги вратиме радоста и насмевките кај граѓаните на Гостивар и најмногу кај децата. Воедно и да помогнеме на некој што има потреба. Децата се фотографираа со Дедо Мраз и со кловн, потоа во кутија за донации оставаа пари според можноста, а од штандот со рачни изработки, честитки си избираа сами подарок. Кога го почнавме проектот не знаевме за што точно ќе ги донираме парите, но потоа децата кои беа учесници во проектот одлучија парите да се донираат за да се спаси еден млад живот, Венко Атанасовски на кого итно му е потребна операција.“, рече Валентина Тасеска, од Здружение „Анисија“. 

Рачните изработки коишто беа изложени на штандот ги изработија средношколците Давор Ефтоски, Радица Стојкоска, Анастасија Јанкоска, Мартин Новаковски, Ана Марија Исајловска, Ива Крајоска, Виктор Тасески и Мате Василевски, како и дечиња од гостиварските градинки.  

Организаторите изразија големо задоволство од интересот на младите и граѓаните да бидат дел од настанот и ќе се стремат да прерасне во предновогодишна традиција на Гостивар.