Црвениот крст ќе помага на граѓаните сместени во изолација, како и на повозрасните лица и хронично болните со снабдување со храна и лекови

Сите институции во Тетово имаат одредени насоки како да го продолжат своето работење во насока на превенција од ширење на коронавирусот.

Во услови кога препораките на Владата се да се остане дома, и да не се излегува без некоја оправдана причина, Црвениот крст во Тетово ќе помага на граѓаните сместени во изолација со лекови и храна по одлука на Институтот за јавно здравје, а истото се однесува и на повозрасните лица и хронично болните.

Согласно одлуките на состанокот на Кризниот штаб на општина Тетово сите институции имаат одредени насоки како да го продолжат своето работење. Според локалната самоуправа, тетовското здравство е целосно подготвено, во однос на снебденост со опрема и персонал во случај на ковид 19, а од Општината информираат и дека се мијат и дезинфицираат улиците во градот, а во петок, пак,  ќе се врши дератизација на канализационите подрачја.

Дел од институциите не работат, останатите го редуцираа работното време, а препораките за сите нивни клиенти е да ги посетат само доколку имаат вистинска потреба.

Во маркетите и аптеките деновиве има најголема посетеност, па повеќето од нив според препораките за заштита воведоа неколку мерки кои се однесуваат на потрошувачите, односно во објектите влегуваат само по неколку лица, а останатите чекаат надвор, секако со совет за одредена оддалеченост меѓу нив.

И поголем дел од банките истакнаа правилници за однесување додека трае периодот на ризик од ширење на коронавирусот. Тие се однесуваат на држење растојани помеѓу клиентите, да не се носат деца во објектите, како и да се искористи можноста за електронско банкарство.

Powered by Live Score & Live Score App