Црквата „Свети Атанасиј“ во Брвеница доби нов надворешен лик, но и поширока внатрешност

Останува да се уреди ентериерот, а во иднина планирано е уредување на дворот и реконструкција на црковната трпезарија.

Верниците од Брвеница веќе може да го почувствуваат комодитетот додека следат литургија во црквата „Свети Атанасиј“, бидејќи објектот е двојно поголем од предходно. Надворешниот дел сега е завршен, а останува да се уреди ентериерот.  

„Од ентериерот останува фрескоживописот, а ќе се и реконструира стариот иконостас. Ќе бидат поставени и мозаици како што беше планирано. За крстилницата треба да се постави купел со тоа во текот на оваа година планираме целосно да се заврши со ентериерното уредување на храмот“, вели протојереј Ивица Спасеноски, старешина на црквата.

Црковното настојателство има подготвено и проекти за уредување на дворот и реконструкција на црковната трпезарија.

„Започнавме и со изготвување проект за партерно уредување на дворот, се планира да се изгради голема порта, летниковци, патеки, нишалки и паркинг за автомобили. Подоцна е планиран и проект за реконструкција на црковната трпезарија да биде ист стил на црвата“, истакна протојереј Спасеноски.

Според првичните проценки вредноста на досегашната инвестиција за објектот на црквата чини 150 илјади евра, средства од Црковното настојателство и од хумани луѓе кои донирале пари, но и материјал. Во целокупната работа помогнаа и доброволци со физичка работа. Инаку, градежните работи започнаа во септември 2018 година.

Данијела Билбилоска

error: Content is protected !!