Швајцарска поддршка за Шара да прерасне во дестинација за безбеден активен туризам

На Попова Шапка, операторот за „фрирајд“ услуги Shar Outdoors (Шар Аутдорс), ја промовираше опремата за лавинска безбедност и безбедност при скијање во длабок снег.

Набавувањето на опрема за лавинска безбедност треба да донесе повеќе „фрирајд“ скијачи и сноубордери на Попова Шапка и да го зголеми бројот на тур-оператори кои ќе ги нудат капацитетите на Шара пред странските туристи. Опремата која беше промовирана денес е обезбедена со швајцарска поддршка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

„Активниот туризам е една од најбрзорастечките гранки на глобално ниво. Швајцарија го поддржува развојот на овој тип туризам во државата, и денес сме тука на Попова Шапка за да зборуваме за подобрување на безбедноста во активниот туризам, затоа што ако немаме стандарди за безбедност не можеме да привлечеме туристи“, вели Стефан Томажан, заменик амбасадор на Швајцарија.

Операторот за фрирајд услуги Shar Outdoors покрај набавката на опремата спровел и обуки за планинските водичи за користење на истата.

„Опремата се состои од лавински пребарувач, лавинска сонда, лавинска лопата и „аирбег“ ранец. Опремата не би вредела ништо доколку не ја добиеме обуката за користење на истата. Во истиот проект беа внесени обуки со експерти кои држеа теоретски и практички предавања за лавинската безбедност и давање прва помош при ваков тип на скијање“, вели Медоти Чилиманов од Shar Outdoors.

Во моментов има вкупно 12 планински водичи кои ги опслужуваат сноубордерите и фрирајд скијачите на падините на Шар Планина.

Данијела Билбилоска

Powered by Live Score & Live Score App