Шестчленото семејство Стрезовски од Тетово на првиот ден од новата учебна година, наместо радост имаат грижи

Како четирите деца да имаат услови за да учат без проблеми? Живеат во куќа под наем, а само едниот родител е вработен, поради што не можат да ја купат соодветната ИТ опрема.  

„Како да им купам компјутери на децата, кога нема ни за храна“, вака разговорот со нас го започна Злате Стрезовски од Тетово, татко на 4 деца. Најмалото, годинава е прваче. Другите се петто, седмо и осмо одделение. За да следат настава на далечина потребна им е ИТ опрема. Стрезовски како глава на семејството работи постојано за да обезбеди егзистенија, но вели – тешко е. Живеат во куќа под наем, а само тој е вработен.

Пред извесен период од роднини добиле персонален компјутер. Поради тоа што е стар, не работи добро и на него не можат децата да следат настава, вели Стрезовски. Телевизорот како единствено решение, исто така има дамнешен рок на производство.

Стрезовски апелира надлежните да помогнат на семејствата како неговото.

Со истата мака се соочуваат родителите на 20 проценти од вкупниот број ученици во Општина Тетово. На овие деца единствено им останува да учат пред телевизиските екрани, од часовите кои ќе се прикажуваат на националните канали, без можност за интеракција со наставникот.

error: Content is protected !!