ЈУ Национален парк Шар Планина: времето нè опоменува дека неопходни се промени

Ја заборавивме 2015, сега ни се случи Теарце – времето нè опоменува дека неопходни се промени, порачуваат од Јавната Установа Национален парк Шар Планина.

За разлика од катастрофалните последици во 2015 во повеќе села во општина Тетово, наносите од кал, земја и камења кои завчера од Шара се спуштија во Теарце се само блага опомена дека недоволно ја разбираме сериозноста дека ни се неопходни промени, велат од Јавната Установа Национален парк Шар Планина.

Според мапата за ризици од поплави во Полошкиот регион, специфичната геологија на теренот, наклонот и силните невремиња проследени со обилен дожд и ветер ги прават планинските села и урбаните делови во подножјето на Шар Планина меѓу најранливите во земјава.

Шумските комплекси имаат значајна заштитна функција. Прекумерното и неодржливото искористување на шумите во минатото довело до големи површини од нискостеблени шуми и шуми со различни форми на деградација. Токму затоа, за секоја сеча на огревно дрво е потребна дозвола од Установата. Режимот на движење за моторните возила е исто така воспоставен за да се намалат илегалните активности, ерозивните процеси и загадувањето на водите.“ – Јавна Установа Национален парк Шар Планина

Во изминатите месеци на територијата на Националниот Парк евидентирале речиси 800 градби вон населените места, а на територија на Општина Теарце 115 градби. Според ова од Установата потенцираат дека урбанизацијата ја нарушува рамнотежата на почвата, што доведува до ерозија, зголемување на истекувањето по дождот и доведува до поплавување, но и потенцијална опасност од паѓање на карпи и лизгање на земјиштето. Голем дел од идентификуваните градби се исто така објектите на малите хидроелектрани, велат од Установата.

Сите тие се наоѓаат во поројните водотеци, а немањето на соодветни пропусти, намалувањето на профилот и протокот на реките влијание негативно врз текот на реката и претставуваат трајна опасност од излевање и поплавување. Токму затоа, Ј.У.Н.П Шар Планина, цврсто стои на своите ставови дека на територијата на Националниот Парк малите хидроелектрани не се добредојдени.“ – Јавна Установа Национален парк Шар Планина

Од Јавната Установа Национален парк Шар Планина ги повикуваат сите општини во Полошкиот регион, сите граѓани и други релевантни институции, да се почитуваат законите за да се заштитиме од катастрофи.

Данијела Билбилоска