Ќе се раззеленува Гостивар

Оваа година, за одржување на зеленило и подигнување нови зелени површини, во Гостивар и низ селата, надлежното Јавно претпријатие ќе издвои 15 милиони денари. Во градскиот парк ќе се засадат 150 нови садници и тоа на јавор, смрека, липа и див костен.

Нови садници и цветен расад, реконструкција на дел од градскиот парк, подигнување на нови зелени површини во селата, хортикултурно уредување во дворовите на училиштата. Ова се дел од активностите предвидени во Програмата за работа на Јавното претпријатие за паркинзи и зеленило во Гостивар, за 2020-та година.

Вкупниот буџет за зеленило изнесува 15 милиони денари, од кои околу 4,8 се планирани за набавка на дрвца, цветен расад, украсни грмушки и трева и слично. Останатите средства се за тековно одржување и плати на вработените.

Лани во големиот градски парк претпријатието отстрани седум стари ризични дрвја, пред почетокот на зимската сезона беа засадени 32, а од напролет ќе се засадуваат  уште 150 садници и тоа на јавор, смрека, липа и див костен. Нови зелени површини се предвидени и низ селата.

Гостиварското претпријатие за паркинзи и зеленило покрива површина од над 745 илјади метри квадратни, од кои 403 илјади во градот, а останатото вонградско зеленило.

error: Content is protected !!