10-годишна казна „затвор за деца“ за убиство

17-годишната девојка од тетовско Рогле доби 10-годишна казна „затвор за деца“ за убиство на 16-годишник од Ново Село на 21 декември минатата година. Пресуда за настанот денес донесе Основниот суд Тетово, при што ја прогласи за виновна за делото.

Основниот суд Тетово денес донесе пресуда за настанот случен на ден 21. 12.2022 година на местото викано Бањиче во кое е лишен од живот детето Б.Х. на возраст од 16 години, а за кој настан постапката се водеше спрема дете во судир со законот на возраст од 17 години, за кривично дело Убиство по чл. 123 ст.2 т.1 од КЗ. Судот донесе пресуда со која детето во судир со закон е огласено за виновно и изречена му е казна ЗАТВОР ЗА ДЕЦА во траење од 10 години.  

Овој случај ја разбранува јавноста, кога безживотното тело на 16-годишникот од Ново Село по 7 часовна потрага беше пронајдено во речните води, на 22 декември минатата година. Веќе следниот ден Јавно обвинителство објави дека 17-годишната девојка, по вербална расправија во автомобил кај местото викано Бањиче, со предмет го удрила оштетениот во главата неколку пати, нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена.