102 лица вчера биле казнети за неносење заштитна маска

Во полицискиот билтен регистриран случај на семејно насилство, физички напад и опожарено возило.

Во текот на изминатото деноноќие,  според статистиката на Секторот за внатрешни работи Тетово за неносење заштитни маски на вкупно 102 лицa (ТЕ-64 и ГВ-38) изготвени им се прекршочни платни налози, согласно член 6  од соодветната владина Уредба. Во овој период на 24 лицa (TE) и 22 (ГВ) изготвени им се нови решенија за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а извршени им биле контроли на ТЕ-303 и ГВ-342 лицa со вакви решенија и при тоа било утврдено дека 1 лице (ГВ) не го почитувало решението за изолација.

Денеска околу 5 часот, во тетовско Старо Село, вршејќи редовни активности, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Рогачево затекнале и привеле две лица, според нивното кажување од Палестина, кои непоседувале никакви документи за идентификација. Двете лица донесени се и задржани во Полициската станица Тетово за натамошна постапка.

Шеесетгодишна тетовка вчера во СВР Тетово пријавила дека нејзиниот 65-годишен сопруг подолго време психички ја малтретирал, и се заканувал по животот и во алкохолизирана состојба, се обидел физички да ја нападне. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.

Дваесетгодишен жител на тетовско село вчера во СВР Тетово пријавил дека дента околу 18 часот и 40 минути, во неговиот дом, по куса вербална расправија, пред најблиските кои ги разделиле, физички бил нападнат од 40-годишниот вујко. Се расчистува и документира случајот и ќе следува соодветен поднесок.

Ноќеска околу 1 часот во СВР Тетово пријавено е дека на регионалниот пат Тетово-Јажинце, во селото Глоѓи, се запалило во движење патничко моторно возило „форд фиеста“ со тетовски регистарски ознаки, што го управувал 19-годишник од тетовско Доброште. Огнот пламнал во предниот дел, по што брзо се проширил и возилото целосно изгорело. Нема повредени лица, а со интервенција на тетовската Територијална противпожарна единица пожарот околу 14 часот и 20 минути бил локализиран.

error: Content is protected !!