15 години творештво на детски театар – „Летечка театарска трупа“ од Тетово
Драмското студио „Летечка театарска трупа“ од Тетово премиерно ја изведе претставата за деца „Пепелашка“, како дел од репертоарот за 15-годишниот јубилеј. Во изминативе години, низ ова училиште за театар, поминале 100-тици деца, кои на театарската сцена одиграле над 30 премиери и над 600 репризи, за што имаат добиено и повеќе од 15 награди.
Силни аплаузи за претставата која предизвика насмевки и уживање и кај децата, но и кај возрасната публика. Со премиерата на „Пепелашка“ се одбележаа 15 години творештво на детски театар на „Летечка театарска трупа“ од Тетово.
Режисерот Владимир Јовановски вели дека задоволството е огромно по успешната драмска игра, збогатена со оригинални костими, живописна сценографија и хор, во која се обедини целокупниот ансамбл.
Актерите иако деца аматери, маестрално ги одиграа своите улоги.
„Летечка театарска трупа“ е наследник на некогашното детското драмско студио, една од најнаградуваните трупи, со повеќе од 30 премиери и над 600 одиграни репризи, на матичната сцена во Тетово, така и во други градови во земјава и две гостувања во Канада и во Америка. 100-тици деца поминале низ ова училште за театар, но и за нивен личен напредок.
Пробите за подготовката на театарска претстава траат со месеци. Младите актери се стекнуваат со знаења за сценските движења, говорот, доловувањето емоции, театарските правила.
Пред една недела беше изведена и претставата „Црвенката“, а до крајот на годинава Летечка театарска трупа најавува уште три тетарски премиери по повод јубилејот.
Данијела Билбилоска