15 месеци затвор за анестезиологот од Тетово
1 година и 3 месеци казна затвор доби лекарот анестезиолог кој на ТикТок во живо емитуваше видео од гинеколошкото одделение, на кое се гледаат пациенти и вработени лица. Тој денеска пред Судот ја признал вината и се извинил.
Затворска казна од вкупно 15 месеци за Ваљтон Дервиши, анестезиолгот кој снимаше на генеколошкото одделение во тетовската болница и во живо на социјалната мрежа Тик Ток објави видео во кое се гледаат пациенти и персонал.
Во тетовскиот Основен суд денес по одржувањето на главната расправа судијата донесе пресуда со која се прогласува за виновен за две кривични дела: Несовесно работење во службата, како и Неовластено снимање, со што на оштетените пациенти и вработените лица им ги повредил правата и им нанел поголема штета повредувајќи ја нивната приватност и углед, со што во голема мера ги вознемирил оштетените и пошироката јавност.
Дервиши ја признал вината и се извинил.
За кривичното дело Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1, казна затвор од 1 година. За кривичното дело и Неовластено снимање по член 152 став 2 од Кривичниот законик казна затвор во траење од 5 месеци. Согласно горенаведениете членови Судот го осудува на единствена казна затвор во траење од 1 година 3 месеци, во која казна му го пресметува и времето поминато во притвор, од 14.4.2023 до денешниот ден. Судот одлучи мерката притвор да му се укине и да се замени со друга поблага мерка, сметана од денеска до 60 дена. Судот се определи за ваква казна бидејќи во конкретниот случај преовладуваат олеснителните околности, дека истиот го пизнал делото, ветил дека во иднина нема да стори вакво или слично дело, се извинува на сите лица кои се оштетени, дека е лоша здравствена состојба, дека е татко на две деца и други околности. – ИЗВАДОК ОД ПРЕСУДАТА – ОСНОВЕН СУД ТЕТОВО
По соопштувањето на судската одлука треба да биде објавена писмената пресуда, против која е дозволена жалба во рок од 8 дена до Апелациониот суд – Гостивар.
Данијела Билбилоска