150 нови случаи на ковид-19 во земјава

Во последните 24 часа се регистрирани 150 нови случаи на ковид-19 во земјава. Најмногу од нив и денес се од Скопје, односно 93, додека 12 се од Тетово и околината, а 3 од Гостивар и гостиварско. Починати се 9 лица, шест пациенти од Тетово и тројца пациенти од Скопје. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 30 оздравени пациенти, од кои 3 од Тетово.

Веќе подолг период речиси секојдневно бројката на нови заразени лица со ковид 19 во Тетово и тетовско е двоцифрена. Повеќе од половина од вкупниот број ковиддијагностицирани пациенти се активни болни. И покрај постојаните апели на медицинските лица, сепак растот се должи на непочитувањето на мерките од дел од населението.

Професорот по психологија и когнитивни науки, Атанас Кирјаковски, смета дека луѓето не го сфаќаат сериозно проблемот кој го имаме со ширењето на заразата, затоа што мислат дека тоа нив нема да им се случи.

Кирјаковски вели дека навиките кај населението треба да се создаваат со суптилно посочување наместо со забранување.

Полицијата секојдневно казнува за неносење заштитна маска. Само вчера во Тетово биле изготвени  91 прекршочен платен налог, односно прекршителите треба да платат 20 евра.