20 мај, Ден на пожарникарите
Секојдневно изложени на потенцијален ризик, со огнот како најголем непријател и товарот на одговорност за спас на човечки животи, домови, шуми. Таква е професијата на пожарникарите, кои денешениот датум, 20 мај го имаат како свој празник – Ден на пожарникарството.Предизвиците со кои се сочуваат на терен се безбројни. Секој случај на пожар носи своја приказна, различен вид на опасност и бара посебен пристап во гаснењето. За да одговорат што поефикасно неопходно е да ги имаат соодветните услови.
Противпожарната единица на Гостивар покрива голем атериторија која ги опфаќа и околните општини Врапчиште и Маврово Ростуше. Командирот Јусуф Бајрами вели дека условите за работа постепено се подобруваат, но има недостиг од пожарникари.
„Најпрво би сакал на сите колеги да им го честитам Денот на пожарникарите и да им се заблагодарам за трудот и хуманоста што ги даваат од себе на работното место. Може да кажам дека изминатиот период условите во објектот на Пожарната значително се подобрени. Старите прозорци и врати беа заменети со нови, се извршија и други санации и реновирања. Сепак, зградата е стара, потребни се и дополнителни зафати, а како најважно ни е да се среди покривот. Во однос на човечките ресурси треба да се нагласи дека имаме потреба од повеќе пожарникари. Во нашата служба има 38 пожарникари, а сите не се со решение за работа, дел се со договори. Законски според територијата што ја покриваме треба да имаме 80 пожарникари. Навистина е неопходно да се вработат уште луѓе“, вели Бајрами.
Темелите на пожарникарството во земјава се удрени во далечната 1836 година со формирањето на првата противпожарна единица во Битола. 20 мај е утврден како Ден на пожарникарите, токму во чест на тој настан.