22 години од масакрот кај Вејце

Одборот на бранителите денес одбележа 22 години од масакрот на осумте припадници на безбедосните сили што се случи на 28 април 2001 година помеѓу селата Селце и Вејце на Шар Планина во месноста Брезовица.

Во селото Вејце, на местото кое е нем сведок од крвавиот масакар во кој загинаа на 8 припадници на македонските безбедносни сили, денес, на 22-годишнината, со едноминутно молчење и полагање цвеќе почит им оддадоа претставници на здруженија, институции и политички партии.

Марин Најдов од Одборот на бранители истакна дека иако овој случај сѐ уште не е разјаснет, сепак еден ден ќе се казнат сторителите.  

„Ваков злостор во таа воена 2001 година не е забележамн никаде на друго место освен овде на Шара, овде каде и до ден денес после 22 години нема никаков знак на сеќавање на жртвите убиени во одбрана на својата татковина. Свесни дека ниту една цел не е толку возвишена да ги оправда нечесните средства ќе чекаме трпеливо и ќе се надеваме дека еден ден оние кои го направија овој злочин правдата ќе ги достигне“, изјави Марин Најдов, Здружение „Одбор на бранители“

Најдов потсети дека бранителите се запоставени и игнорирани во сопствената држава.

„Нивните рожби, сега веќе оформени грашани на оваа наша татковина, се прашуваат зошто нивните родители ги дале своите млади животи жртвувајќи го најплеменитото-животот“, изјави Марин Најдов, Здружение „Одбор на бранители“

Одборот на бранителите повторно донесе спомен обележје, а и  политичката партија Левица постави нова плоча. Според досегашните искуства бистите не остануваат на местото.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, која денес оддаде почит на бранителите, поднесе иницијатива за подигање на спомен обележје во нивна чест, која советниците од СДСМ ја предложија до Советот на Општина Тетово, но не наиде на поддршка.

Данијела Билбилоска