3-ти мај – Ден на слобода на медиумите
„Обликување на иднината на правата: Слободата на изразување како двигател за сите други човекови права“ е мотото под кое денеска се одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите, 3-ти мај. „Релативната слобода во која сега живееме не смее да нѐ залажува, бидејќи без системски решенија што ќе гарантираат квалитетна медиумска содржина и независност на уредувачката и новинарската работа, цело време ќе се вртиме во круг“, вели претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски.
Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година. Целта е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсети на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа. Во пораката на ОН по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, пак, се истакнува дека и три децении по прогласувањето на овој ден, слободата на медиумите, безбедноста на новинарите и слободата на изразување се’ повеќе се на удар, што влијае на остварувањето на другите човекови права.