37-годишниот Ивица Јовановиќ од Тетово беше најсреќниот во црковниот базен во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“

Со евангелскиот поздрав „Бог се јави, навистина се јави“ православните верници денес го одбележуваат празникот Богојавленије, или Водици. Во Тетово централното одбележување се одржа во Соборниот храм Свети Кирил и Методиј.

37-годишниот Ивица Јовановиќ од Тетово беше најсреќниот меѓу тројцата верници кои денес беа дел од традицијата на положување на светиот крст во црковниот базен во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“. Тој во овој чин учествува првпат.

„Нека дава Господ на сите здравје, среќа, напредок. Првпат ми е година и првпат го фаќам крстот“, вели Јовановиќ.

И денес на Водици во Тетово присуствуваа верници од сите возрасти и цели семејства, за да ја продолжат традицијата која датира многу одамна.

„Се оди на богослужба, се пали свеќа за здравје, се фрла крстот и се зема од водата и се поздравува со Бог се јави на денешниот ден“, вели жителка на Тетово.

„Традицијата е повеќе вековна во Тетово . ме радува што овој ден е празник за сите нас, православните верници, на сите луѓе со добра волја. Еве веќе повеќе години моето семејство се кумови на овој празник, тоа не прави среќни задоволни сме“, вели еден од кумовите за празникот.

„Се радуваме се молиме за здравје, се молиме за среќа, се молиме за мир за нас и за нашите најблиски, така што оваа традиција мора да продолжи, а да се надеваме дека ќе се возобнови традицијата на положување на крстот во водите на реката Пена“, вели тетовчанка – кума за празникот.

На чинот на положување на крстот му претходеше света арихиерејска литургија и режење на кумските колачи кои ги изврши митрополитот тетовско-гостиварски Господин Јосиф..

Данијела Билбилоска