5 нови случаи со КОВИД – 19 во Тетово

Во земјава потврдени се 29 нови случаи на ковид-19, од кои 5 во Тетово. Институтот за јавно здравје регистрира и 6 оздравени пациенти.

5 нови случаи со Ковид – 19 во Тетово и тетовско со што бројката на дијагностицирани достигна 126, од кои активни се 63 во изминатите 24 часа. Вкупно во земјава потрвдени се 29 нови случаи, освен 5те во Тетово, 9 се во Скопје, 6 во Прилеп, по два во Струга, Велес, Битола и Охрид, како и  1 случај во Куманово. Во истиот период направени се 349 тестирања. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 6 оздравени пациенти.

Бројот на заболени значајно се намали, процентот на пациенти за кои точно знаеме кој е кластерот и по која линија се заразени, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче. Тој дополни дека сите фактори се значајно подобрени од почетокот на епидемијата.

„Факторите кои што ги евалуираме и врз основа на кои што кажуваме дека епидемијата е во фаза на смирување, односно е под контрола е бројот на новодијагностицирани пациенти, број на пациенти во болниците, број на пациенти со тешка клиничка слика и на респираторна машина, број на слободни кревети во болниците, бројот на починати лица, процентот на пациенти за кои знаеме кој е кластерот, односно по која линија се заразени, како и Р-факторот на преносливост. Сите овие фактори се значајно подобрени од почеток на епидемијата. Во однос на предвидувањата на следниот период, сега сме во фаза кога практично ги гледаме добрите ефекти на силните мерки. Се наоѓаме во последните недели на вообичаеното траење на респираторните епидемии, понатаму фаза, во која не работат школите и градинките и имаме затворени граници. Сите фактори кои придонесуваат да имаме еден мирен период. Но, треба да сме свесни дека вирусот нема да исчезне во подолг временски период, не само кај нас, такви се предвидувањата и очекувањата во светот. Сликата веројатно ќе се смени, дури откако ќе се открие вакцината и периодот до стекнување на колективниот имунитет, што значи пред нас е еден период, во којшто треба да научиме да живееме со вирусот“, истакна министерот Филипче.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1723, бројката на оздравени пациенти е 1235, на починати е 95, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 393.

Powered by Live Score & Live Score App