662 дивоградби се регистрирани минатата година во земјава

662 дивоградби се регистрирани минатата година во земјава, според податоците на Државниот завод за статистика. Освен објекти за домување, бесправно се граделе и гаражи, огради, тераси и друго.

Според Државниот завод за статистика во земјава минатата 2022 година вкупно биле изградени 662 дивоградби. Според видот на објектот, бесправно се изградени 111 објекти за домување (16.8 %), 101 доградба, надградба и адаптација (15.3 %), 58 деловни објекти (8.8 %), 94 гаражи (14.2 %), 125 огради (18.9 %), 5 скалила (0.8 %), 19 тераси (2.9 %), 5 летни тераси (0.8 %), 50 натстрешници (7.6 %), 15 времени објекти (2.3 %) и 79 помошни објекти (11.9 %).

Најголем број бесправно изградени објекти (96.2 %) се во приватна сопственост.

Во Тетово лани бесправно биле изградени 31 објект, според податоците на Државниот завод за статистика. Најмногу од нив, 9, биле за домување, од кои 5 биле викендички, а 3 станбени, потоа 6 доградби, надградби и слични адаптации, 5 деловни објекти и друго. Во Гостивар според статистиката регистирани се 6 бесправно изградени објекти, најмногу доградби и надградби, односно 4. Бројот на дивоградби во Боговиње бил 7, во Брвеница и во Маврово и Ростуше по 3, во Врапчиште 4, додека во Желино, Јегуновце и Теарце минатата година не се регистрирани вакви објекти.