769 градби има вон населените места на територијата на Националниот парк Шар Планина
Над 700 изградени објекти има вон населените места на територија на Националниот парк Шар Планина. По нивното евидентирање, Јавната установа во разговори со локалните самоуправи, ќе изнаоѓа решение за нив, односно оние кои ги исполнуваат условите за легализација ќе може да се искористат за туризам, додека за останатите надлежните иституции ќе одлучуваат дали ќе бидат рушени.
Вкупно 769 градби има вон населените места на територијата на Националниот парк Шар Планина, покажува евиденцијата во првата фаза која ја направи јавната установа која раководи со паркот. Најголемиот дел од нив се бесправно изградени, а легализирани објекти се само мал дел. Дали ќе се рушат или легализираат ќе одлучуваат надлежните.
„Насекаде ги има, значи има и во активната зона, во строга заштита нема, освен бачилата нема други објекти таму. Има во одредени општини легализирани и во активна зона, многу мал број. Нема да одлучуваме ние. Не сме институција која одлучува кој ќе се урива кој нема да се урива, тука има обвинителство, судови, тие ќе одлучат кои објекти не исполнуваат услови да се легализираат и оди по таа постапка“. изјави Ибрахим Дехари, директор на ЈУ Национален парк Шар Планина
Од Установата велат дека нивниот статус ќе се утврдува преку разговори со сите локални самоуправи поединечно, по што оние кои се веќе изградени, а ги исполнуваат условите за легализација, ќе бидат искористени за да се развива туризмот на Шара.
„Откако ќе ја завршиме оваа втора фаза, одиме на третата фаза – разговори со сопствениците на објектите, кои од тие објекти може да ги насочиме за можен туризам. Четвртата фаза е спакување пакет преку некој тур оператор поддаден во странство.“ изјави Ибрахим Дехари, директор на ЈУ Национален парк Шар Планина
Од Установата велат дека за бесправни градби и узурпација на државен имот, во изминатите месеци, веќе се поднесени неколку прекршочни пријави и известувања до надлежните институции. Според планот за управување, изградба на нови туристички населби и викендички не се дозволени во зоната на строга заштита и активно управување.
Данијела Билбилоска