Aпел до велосипедистите од СВР Тетово

Со затоплувањето на времето, на патиштата и улиците во тетовско-гостиварскиот регион, покрај другото, забележително зголемен е бројот на велосипедисти и мотоциклисти-учесници во сообраќајот.  Секторот за внатрешни работи Тетово со апел до велосипедистите да се движат прописно, односно крајно десно по коловозот, еден зад друг, а не еден до друг.                                                                                               

Им се советува, исто така, во вечерните часови да бидат прописно осветлени и да ги избегнуваат темните улици, да внимаваат на знаците и постапките кога свртуваат лево или десно, задолжително да слезат од велосипед, да ги преминуваат улиците на обележани премини и друго.

Во спротивно, велосипедистите ќе се соочат со законски предвидените санкции, односно ќе им се изготвуваат соодветни поднесоци, а зависно од видот на сторениот прекршок, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, предвидени се и парични глоби од 20 до 50 евра во денарска противвредност (член 96 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата). Минатата година, на пример, на тетовското подрачје биле регистрирани вкупно 22 сообраќајни несреќи во кои непосредни учесници биле велосипедисти и 74 со учесници мотоциклисти.

Оттаму,  максимална внимателност им се советува и на мотоциклистите, но и навреме да ги регистрираат мотоциклите, задолжително да користат заштитна опрема и да поседуваат возачки дозволи.